Интегрални шпагети со сос од зеленчук

Во летните денови најубаво е да се конзумира лесна храна која не е премногу мрсна и која е лесно сварлива. Тестенините се еден цел свет во кој може да се комбинираат различни состојки и секогаш да се добие некој вкусен сос и интересни комбинации. Овој рецепт се приготвува за 30 мин. и е еден од наједноставните и најлесните рецепти за тестенини кој често го приготвувам.

Интегрални шпагети3

Потребни состојки:

– за 4 лица

  • 500 гр. интегрални шпагети
  • 3 големи домати
  • 2 средни тиквици
  • 3 пиперки
  • блитва
  • лист од целер
  • хималајска сол и бибер
  • маслиново масло
  • Интегрални шпагети1

Подготовка:

Сварете ги шпагетите според упатството на опаковката, процедете ги и измијте ги со ладна вода за да престанат да се готват. Потоа додадете 1-2 лажици маслиново масло и промешајте (добро е да се стави масло за да не се лепат).

Тиквицата исецкајте ја на мали коцки и пропржете ја заедно со многу ситно исецкана пиперка. Потоа исецкајте го доматот на средни парчиња (формата не е важна затоа што доматот ќе стане како сос), додадете го во веќе запржената тиквичка и пиперка и промешајте.

Оставете го да се готви во тенџерче со затворен капак и повремено промешувајте. Кога сосот ќе се згусне исецкајте ја блитвата на ленти, додадете ја (можете да ставите колку сакате) и промешајте. На крајот додадете ситно исечкан лист од целер, хималајска сол и бибер и тргнете го сосот од оган. Сервирајте ги шпагетите во длабока чинија и додадете неколку лажици од сосот. Уживајте во подготовката и вкусот. 🙂

Споделете го овој блог со сите ваши пријатели кои се љубители на тестенини или пригответе го за нив. Споделете ги вашите искуства при подготовка на рецептот со нас во коментарите.

Продолжете да танцувате во ритамот на Природата!

 

Интегрални шпагети2

Advertisements

Како ненасилната храна влијае на вашиот живот

     Свеста за ненасилство е во постојан подем и секој ден се повеќе и повеќе луѓе учат за ненасилството преку исхраната. И јас секако дојдов до овој термин учејки за здравата храна. Истражував како да си помогнам на себеси преку исхраната затоа што имав огромни болки во стомак по секој оброк, што и да јадев се ми правеше да се чувствувам надуено.

     Пробував различни диети прво бев на без глутенска диета, потоа престанав да конзумирам  и лактоза ( млечни производи ) и сето ова воопшто не помагаше. На крајот интуитивно почувствував дека треба да престанам да јадам месо. Пред тоа јадев многу месо и дефинитивно ми беше омилената храна, буквално немав оброк во кој не јадев месо.  Но кога животот ти покажува дека нешто не е добро за тебе во еден момент ќе ти покаже и како да слушнеш хаха.

     Одкако престанав да јадам месо болките се намалија. Потоа добив дијагноза на нервозни црева, вклучувајќи дека се хранев само со брза и нездрава храна сето ова довело до ерупција во мојот организам. Моите болки не престанаа целосно, еден дел е храната, а другиот дел е менталната хигиена и физичките активности. Ова ме доведе до практикување на јога и медитација кои целосно ми помогнаа да се ослободам од болките. За прв пат почувствував колку е убаво кога телото ти е здраво и полно со енергија. Истражувајќи околу храната наидов на веганството. Гледав неколку документарци кои можете да ги погледнете на следиве линкови: Earthlings, Cowspiracy, Forks over Knives.

     Кога видов толку многу насилство кон животните емпатијата и сочувството почнаа да раснат. Неможев да гледам во нивните очи а да не ја видам сета болка и патење. Решив дека несакам да бидам уште еден човек кој ќе допринесе кон нивното патење. Верувам дека секој живот е со причина и никој нема право да одзема нечиј туѓ живот.

     По 2 години на веганска исхрана нешто во мене се смени. Сеуште немав расчистено со млечните прозводи и постојано се потискав себеси. Сите замени за млечни производи не ми беа добри и постојано барав подобри и подобри. Во еден момент сето ова се сруши и повторно почнав да конзумирам млечни производи.

     Сватив дека цел овој процес треба да го поминам свесно со многу љубов кон себеси и без осудувања. За овој процес можете да прочитате повеќе во блогот Емоциите и Исхраната. Мојата животна филозофија која што беше инспирација да почнам да пишувам блогови Ненасилството наеднаш ми падна во вода. Свесна сум дека конзумирањето на млечни призводи нема никаква допирна точка со ненасилство, напротив млечната индустрија е една од најмрачните индустрии која директно создава насилство на мајките и бебињата на повеќе видови животни.

     Сепак си дозволувам да поминам низ овој процес свесно и да ја надминам зависноста од овој вид на храна. Неколку месеци често јадев млечни производи и по некое време почнав да ги забележувам разликите. Моите мисли содржеа повеќе насилство, станав по нетрпелива од претходно, се чувствував мрзливо за да вежбам, волјата што претходно ја имав многу ми опадна… Одкако почна да доаѓа во сезона зеленчукот и овошјето почнав и се повеќе да јадам помалку млечни производи и повторно ми се случија многу промени. Попозитивни мисли, подобар фокус и по силна волја, трпеливост, желба за физичка активност која доаѓа природно, и пред се една внатрешна леснотија. Помалку насилство.

     На дело почувствував што значи колку повеќе насилство подржуваш толку повеќе насилство ќе имаш во себе. Дефинитивно се е поврзано и се има влијание на нас. Нашите дела создаваат последици. Најважно е низ секој процес кој животот ни го носи да влеземе со отворено срце.

     По сево ова сватив дека веганството, вегетаријанството и сите слични начини на живот се концепти, а концептите создаваат ограничувања кои потоа создаваат притисок. Ова верувам дека е еден неприроден начин. Верувам дека ненасилството е една од основните и најважни животни вредности, но дека не треба над неа да се додаваат концепти.

     Доколку сакаме да постигнеме ненасилство нема да ни требаат наддавки како веган, вегетаријанец и слично. Едноставно со тек на времето слушајќи си го телото и едуцирајќи се ќе дојдеме до исхрана која е се по ненасилна. Животот е процес и до ненасилство не се стигнува преку ноќ. Затоа многу од луѓето кои започнуваат со веганство се многу лути. Го разбирам нивниот гнев и јас се чувствував исто, но со тек на времето сватив дека со емоциите не се постигнува ништо.

     Светот е како огледало кога настапуваме со емоции, за возврат ќе добиеме само емоции. За жал сеуште се немаат справено со својот гнев одвнатре, а однадвор пробуваат да шират ненасилство и љубов.  Но за разлика од многу други кои со прст не мрднуваат за да се придвижат кон ненасилството оваа група на луѓе прават многу подобро, најважно не конзумираат ништо животинско и тоа е за почит. Нашите дела и нашите зборови треба да доаѓаат од исто место доколку шириме ненасилство. Ненасилството треба да биде со пример, пренесено на ненасилен начин.

Споделете го овој блог со вашите пријатели и продолжете да танцувате во ритамот на Природата!

Природен Дезодоранс

       Природната козметика во последните години стана тренд насекаде низ светот. Многу луѓе ја заменуваат конвенционалната козметика со природна поради составот. Во козметиката која се продава во продвниците најчесто содржи парабени, хемикалии, сулфати, силикони, синтетички бои и мириси, конзерванси и многу други состојки кои воопшто не и помагаат на вашата кожа и се штетни за нашето тело.

     Нашата кожа е нашиот најголем орган и постојано преку порите впива, па затоа важно е што ќе ставиме на неа. Дезодорансите често се поврзуваат и со рак на дојката кај жените, особено оние дезодоранси кои се против потење. Потењето е природен процес и é начин нашето тело да го исфирли вишокот на вода и содиум. Овие дезодоранси начесто ги затнуваат порите на кожата и не и дозволуваат да си го врши природниот процес.

        Конвенционалната козметика исто така најчесто е тестирана на животни. Овој дезодоранс е целосно без насилство, погоден за вегетаријанци и вегани.

Природен Дезодоранс 2

     Овој природен дезодоранс е направен од 4 состојки и секој може да го приготви во својот дом за 10 мин. Има прекрасен мирис, содржи сода бикарбона која ги апсорбира непријатните мириси, нишесте кое ја апсорбира влажнoста под пазувите, кокосово масло кое е антибактериско и природно етерично масло кое ќе допринесе секогаш да имате пријатен мирис.

  Дејството при нанесување под пазувите трае 24 часа. По нанесувањето причекајте неколку минути кожата да го впие дезодорансот, а потоа облечете се.

Потребни Состојки:

  • 1/4 чаша сода
  • 1/4 чаша нишесте
  • 1/4 чаша кокосово масло
  • 10 – 15 капки етерично масло

(При купување на етеричните масла прашајте дали се природни и дали може да се користат на кожа. Пред да го ставите во дезодорансот прво намачкајте малку од етеричното масло на вашата кожа за да проверите дали сте алергични. Јас користев етерично масло од лимонова трева. Можете да користите мирис кој ви одговара вам.)

Природен Дезодоранс 3

Подготовка:

     Во еден сад измешајте сода и нишесте. Во мало тенџерче зовријте вода и потопете ја теглата со кокосово масло за да го растопите. Стопеното кокосово масло додадете го во сувите состојки и мешајте ја смесата се додека не стане хомогена. Додадете го етеричното масло и повторно промешајте. Префрлете ја смесата во мала тегличка и сместете ја во фрижидер 1 час за да се стегне. Потоа можете да го користите.

Споделете го овој блог со вашите пријатели. Споделете ги вашите искуства при подготовката со нас во коментарите.

Продолжете да танцувате во ритамот на Природата!

Природен Дезодоранс 1

Чоколадно Смуди

     Времето станува се потопло, и се повеќе ми се пие некое здраво смуди кое ќе ме освежи па оваа недела ќе приготвиме вкусно смуди кое ќе ве наполни со енергија, а воедно и ќе ве освежи.

     Еден од проблемите кои најчесто ми ги кажуваат луѓето кои преферираат да прават смуди наместо да го јадат овошјето свежо, е дека не ги најадува, одкако ќе го испијат за еден час веќе се гладни и често престануваат со оваа здрава навика. Ова смуди ги има сите потребни состојки кои ќе ве држат сити барем 2-3 часа. Исто така многу е важно да се испие доволно голема количина, на пр. половина литар смуди на мене ми заменува цел оброк, но доколку испијам помалку набрзо сум гладна. Важно е да ја најдете сопствена потребна количина.

     Во ова смуди користам мака која е корен во прав со потекло од Перу и се смета за супер храна,  и é одличен извор на Б12, Б1, Б2, Ц, и E витамини. Маката е богат извор на протеини,  и содржи железо, калциум, цинк и магнезиум. Најинтересно за маката е што е одлична за баланс на хормоните и ја зголемува енергијата.

Чоколадно смуди 2

Потребни сосојки:

  • 2 банани
  • 1/4 авокадо
  • 2 лажички какао
  • 1 лажичка мака
  • 1 лажичка кокосово масло
  • растително млеко ( јас најчесто користам овесно)

Чоколадно смуди 1

Подготовка:

     Сите состојки ставете ги во блендер и додадете растително млеко во зависност од тоа колку сакате да биде густо. Блендирајте 2-3 минути. Послужете во чаша за Смуди и уживајте.

Споделете го овој блог со сите ваши пријатели кои се љубители на смуди или пригответе го за нив. Споделете ги вашите искуства при подготовка на Чоколадно Смуди со нас во коментарите.

Продолжете да танцувате во ритамот на Природата!

Чоколадно смуди 3

 

Сладолед од банани и јагоди

Топлото време допринесува половина од денот да го поминам мислејќи на сладолед хаха и оваа недела успеав да направам сладолед кој е составен од само 2 состојки, се припрема за 10 минути (без замрзнување) и е највкусниот сладолед кој ќе го пробате.

Конечно можете да јадете сладолед за појадок и тоа да биде здрав оброк без воопшто да размислувате за листата на состојки кои во обичните сладоледи може да ја најдете и најчесто е преполна со вештачки бои, засилувачи на вкус, животински продукти, рафиниран шеќер… Не грижете се овој сладолед нема водест вкус, напротив бананата допринесува да биде многу кремкаст и вкусен.

сладолед 3

Потребни состојки:

  • 3 големи банани или 4 средни банани
  • 500 гр. јагоди

сладолед 1

Подготовка:

  1. Излупете ги бананите исецкајте ги на тенки резниња, наредете ги во чинија и ставете ги во замрзнувач. Измијте ги јагодите, потоа одстранете ги рачките и секоја јаготка пресечете ја на половина. Наредете ги во чинија и ставете ги во замрзнувач. Оставете ги во замрзнувач 2 часа.
  2. Одкако ќе се замрзнат ставете ги во сецко или блендер и блендирајте се додека смесата не стане хомогена. Повремено промечувајте. Блендирањето трае 5 – 10 минути. Потоа сладоледот можете да го послужите или доколку сакате да биде подобро замрзнат можете да го вратите во замрзнувач уште 1 час.

Споделете го овој блог со сите ваши пријатели кои се љубители на сладолед или пригответе го за нив. Споделете ги вашите искуства при подготовка на Сладолед од банани и јагоди со нас во коментарите.

Продолжете да танцувате во ритамот на Природата!

сладолед 2

Енергетски Бомбици со мед и таан

Енергетските бомбици се супер кога сакате да ја подигнете енергијата на природен начин. Не содржат рафиниран шеќер што ги прави здрава замена во моментите кога ви се јаде нешто благо. Природните состојки како што се јаткастите плодови, природните засладувачи, семињата и житарките ќе ве наполнат со енергија во најпотребните моменти. Енергетските бомбици се приготвуваат за 5 – 10 минути и се одлични за сите оние кои спортуваат и им е потребно шеќер по тренинзите или вежбањето.

Бомбици меди и таан1

Потребни состојки:

  • 4 лажици мед и таан претходно измешани
  • 2 лажици путер од кикирики
  • 4 лажици мелено ленено семе
  • 2 – 3 лажици чиа семе
  • 50 гр. јаткасти плодови (лешници, бадеми, индиски ореви, ореви…)
  • 4 лажици овесни снегулки
  • 1 лажица какао
  • 1 лажица вода по потреба

Бомбици меди и таан3

Подготовка:

Исецкајте ги јаткастите плодови ситно и потоа промешајте ги заедно со сите суви состојки (мелено ленено семе, чиа семе, овесни снегулки). Додадете ги медот и таанот и путерот од кикирики. Промешајте ја смесата и доколку е потребно додадете 1 лажица вода. Од смесата оформете ги бомбиците. Можете да ги извалкате во мелено ленено семе, какао или чиа семе.

Споделете го овој блог со сите ваши пријатели кои се љубители на здрави десерти или пригответе го за нив. Споделете ги вашите искуства при подготовка на Енергетски Бомбици со мед и таан со нас во коментарите.

Продолжете да танцувате во ритамот на Природата!

Бомбици меди и таан2

Кажете НЕ на непотребниот отпад

Отпадот кој секојдневно го создаваме може да биде намален во голема мера доколку научиме кога да кажеме НЕ. Ова е најлесниот начин да го започнеме патувањето кон помалку создавање отпад, и начинот кој најчесто го забораваме.

На почетокот на моето намалување на отпадот ова ми беше една од најтешките работи. Постојано се втурнував себеси во ситуации каде што ми беше наметнато да направам отпад, иако несакав, продолжував затоа што ми беше тешко да ги сменам старите навики.  По некое време ми стана јасно дека е време за чекор, па почнав да се опуштам, да го кажувам своето мислење и сватив дека дефинитивно имаме избор. Овој чекор ми создаде чувство на ослободување, ми помогна да видам дека помалку е повеќе.

Имаме избор да кажеме НЕ на флаерите кои ни ги даваат низ трговските центри, а не ни се потребни. Можеме да кажеме НЕ на потврдите кои банкоматите ги даваат кога вршиме трансакции, можеме да кажеме НЕ на бесплатните примероци низ трговските, можеме да кажеме НЕ на плаќање на сметки во пошта и наместо тоа да ги платиме преку интернет. Можеме да кажеме НЕ на мерење на овошје и зеленчук во маркетите или на пазар во посебни кеси, наместо тоа понесете торба или доколку не носите можеда ви ги измерат во една кеса.

Важно е да кажеме НЕ и на работите кои мислиме дека ни требаат но всушност не е така. Минимализмот е одличен начин да го поедноставиме животот и воедно да го намалиме создавањето на отпад. На пример често купуваме многу облека која потоа не ја носиме. Ова станува бреме, ни зафаќа простор, сме потрошиле време и средства, а не ни е од корист. Оваа облека можете да ја донирате или да ја замените со некој, но најважно е повремено да се потсетуваме дека пред да купиме нешто треба да размислиме дали ќе ни биде од корист или купуваме импулсивно. Импулсивното купување е чест случај и со купувањето на храна. Најчесто купуваме многу повеќе од она што можеме да го изедеме, а потоа ја фрламе храната.

Постојат многу начини без многу да се трудиме да го намалиме отпадот, се што треба е да се ослободиме себеси искрено да се изразуваме. Да кажеме НЕ во вистинскиот момент. Најважно е да не заборавиме да бидеме благодарни за сите искуства кои ги доживуваме на земјата и да запаметиме дека најмалку што можеме е да го намалиме отпадот и да не ја загадуваме.

Споделете го овој блог со вашите пријатели и споделете ги вашите мислења со нас во коментарите. Продолжете да танцувате во ритамот на Природата!

 

Чиа Пудинг

Чиа Пудиг станува се попопуларен десерт што е одличен показател дека свеста за здравата храна се подига. Во овие сончеви пролетни денови еден од најубавите начини да го започнете денот е со свежо овошје, јаткасти плодови и супер храни како што е чиа семето. Чиа семето содржи  растителни влакна, омега 3 масти, антиоксиданси, витамини, протеини и минерали. Комбинацијата од банана, вишни и лешници е освежителна и блага во исто време, а најдобриот дел е што добивате десерт кој е здрав и не содржи рафиниран шеќер.

Чиа Пудинг3

Потребни состојки:

  • 3 лажици чиа семе
  • 1 чаша вода или растително млеко (соино, овесно, бадемово, кокосово, конопово…)
  • 2 банани
  • 1 лажица мелено ленено семе
  • замрзнати вишни
  • 15 – 20 лешници

Чиа Пудинг4

Подготовка:

  1. Во длабока чинија измешајте го чиа семето заедно со меленото ленено семе и додадете вода или растително млеко. Оставете во да одстои половина час, доколку користите вода по киснењето можете да го процедите семето.
  2.   Испасирајте ја едната банана, додадете ја во садот со чиа семе и промешајте. Замрзнатите вишни потопете ги во топла вода 5 минути за да се одмрзнат.
  3. Идецкајте ја втората банана и лешниците. Наредете ги над чија пудингот заедно со вишните и уживајте во прекрасниот вкус.

 

Споделете го овој блог со сите ваши пријатели кои се љубители на здрави десерти или пригответе го за нив. Споделете ги вашите искуства при подготовка на Чиа Пудинг со нас во коментарите.

Продолжете да танцувате во ритамот на Природата!

Чиа Пудинг2

 

 

Мексиканско тако

Мексиканската кујна е полна со безброј интересни и вкусни рецепти. Лесно се приспособува кон расителната исхрана затоа што употребуваат многу зеленчуци. Еден од овие многу вкусни рецепти е Мексиканското тако кое е мој фаворит. Домашни мали тортиљи наполнети со вариво од црвен грав, домати, марула и превкусен авокадо сос дефинитивно е добитна комбинација. Мексиканското тако е одлична храна за на забави и дружења затоа што парчињата се мали, многу е лесно за приготвување и со сигурност ќе им се допадне на вашите пријатели.

Тако2

Потребни состојки:

За тортиљите:

  • 2 чаши брашно
  • 1 чаша млака вода
  • 2 лажици масло
  • сол

За варивото:

  • 400 гр. црвен грав (од конзерва)
  • 200 гр. грашок
  • 2 моркови
  • 1 кромид
  • лист од целер
  • магдонос
  • 2 лажици масло
  • сол

За сос од авокадо:

  • 1 авокадо
  • сок од половина лимон
  • сол
  • 2 лажици масло

Додатоци:

  • 1 домат
  • 1/2 марула

Тако3

Подготовка:

За тортиљите:

  1. Во длабок сад ставете го брашното, во него додадете сол и промешајте. Мешајќи со лажица додавајте млака вода. Потоа додадете го маслото и започнете да го месите тестото. Оставете го да одстои 5 минути за глутенот да стане активен со што тестото ќе биде полесно растегливо.
  2. По 5 минути тестото поделете го на мали топчиња со дијаметар од 3 см. Секое топче посебно расукајте го во мини тортиља со сукало. Печете ги во нелеплива тава на средна топлина по 1-2 минути на секоја страна без масло.

За варивото:

  1. Исецкајте ги морковите на коцки и сварете ги заедно со грашокот.
  2. Исецкајте го кромидот на коцки и запржете го во тавче со малку масло. Кога ќе почне да се карамелизира додадете го црвениот грав, грашокот и морковот.
  3. Промешајте и гответе се додека водата од гравот (во конзервата има вода во која е претходно готвен) не се згусне. Додадете ситно сецкан лист од целер и магдонос. Промешајте и тргнете го од оган.

За сос од авокадо:

  1. Во блендер ставете ги сите состојки и блендирајте. Бидете внимателни со сокот од лимон затоа што секој лимон е разлино кисел. Најдобро е прво да ставите една лажица па доколку е потребно да го додадете и останатиот дел.

Сервирање:

  1. Исецкајте ја марулата на ленти, доматот на коцки и посолете.
  2. Во секое тако најпрво ставете една лажица од варивото со црвен грав потоа додадете марула, домат и на крајот прелијте со сос од авокадо. Повторете го ова со преостанатите тортиљи.
  3. Во мексиканската кујна најчесто се додава нешто луто, доколку сте љубетели на лута храна можете да додадете сецкана лута пиперка или чили пиперчиња.

      Споделете го овој блог со сите ваши пријатели кои се љубители на мексиканската кујна или пригответе го за нив. Споделете ги вашите искуства при подготовка на Мексиканско тако со нас во коментарите.

Продолжете да танцувате во ритамот на Природата!

Тако1

 

Кари од Црвена Леќа

     На пролет најдобро е да јадеме едноставна и лесна храна која брзо се приготвува. Деновиве истражував како можам да приготвувам лесни оброци кои брзо ќе се приготвуваат, а воедно ќе бидат здрави и вкусни. Кари со црвена леќа и зеленчук се приготвува за 30 минути и е одличен оброк во деновите кога ви се јаде манџеста храна. Ова вкусно кари со пролетен зеленчук и црвена леќа е одлино во комбинација со свежа салата од марула и морков прелиена со дресинг од посен мајонез.

карии 3

Потребни состојки:

За 2 порции.

  • 1 чаша црвена леќа
  • 1 морков
  • 1 домат
  • 1 рака спанаќ
  • 10 лажици томато сос
  • 1 пиперка
  • сол
  • масло
  • толчена сол
  • 1 марула
  • 1 морков
  • 3 лажици посен мајонез
  • вода

карии2

Подготовка:

1. Излупте и издрендајте го морковот и варете го заедно со леќата во 1 л. вода и додадете малку сол. Одкако ќе се свари исцедете ја водата.

2. Исецкајте го доматот на коцки и пропржете го со 1 лажица масло. Потоа додадете ги  леќата и морковот. Зачинете со сол, бибер и толчена сол.

3. Исецкајте го спанаќот на ленти и додадете го во тавчето заедно со томато сос. Гответе се додека спанаќот не омекне.

4. Послужете го во длабока чинија и декорирајте го со ситно сецкана пиперка.

5. За салатата исецкајте 1 марула и излупете еден морков. Со алатката за лупење направете ленти од морковот. Посолете ја салатата и промешајте.

6. Мајонезот промешајте го со 2 лажици вода, и прелијте ја салатата со него.

     Споделете го овој блог со сите ваши пријатели кои сакаат да готват здрава и вкусна храна. Споделете ги вашите искуства при подготовка на овој рецепт со нас во коментарите.

Продолжете да танцувате во ритамот на Природата!

карии 1