Мексиканско тако

Мексиканската кујна е полна со безброј интересни и вкусни рецепти. Лесно се приспособува кон расителната исхрана затоа што употребуваат многу зеленчуци. Еден од овие многу вкусни рецепти е Мексиканското тако кое е мој фаворит. Домашни мали тортиљи наполнети со вариво од црвен грав, домати, марула и превкусен авокадо сос дефинитивно е добитна комбинација. Мексиканското тако е одлична храна за на забави и дружења затоа што парчињата се мали, многу е лесно за приготвување и со сигурност ќе им се допадне на вашите пријатели.

Тако2

Потребни состојки:

За тортиљите:

  • 2 чаши брашно
  • 1 чаша млака вода
  • 2 лажици масло
  • сол

За варивото:

  • 400 гр. црвен грав (од конзерва)
  • 200 гр. грашок
  • 2 моркови
  • 1 кромид
  • лист од целер
  • магдонос
  • 2 лажици масло
  • сол

За сос од авокадо:

  • 1 авокадо
  • сок од половина лимон
  • сол
  • 2 лажици масло

Додатоци:

  • 1 домат
  • 1/2 марула

Тако3

Подготовка:

За тортиљите:

  1. Во длабок сад ставете го брашното, во него додадете сол и промешајте. Мешајќи со лажица додавајте млака вода. Потоа додадете го маслото и започнете да го месите тестото. Оставете го да одстои 5 минути за глутенот да стане активен со што тестото ќе биде полесно растегливо.
  2. По 5 минути тестото поделете го на мали топчиња со дијаметар од 3 см. Секое топче посебно расукајте го во мини тортиља со сукало. Печете ги во нелеплива тава на средна топлина по 1-2 минути на секоја страна без масло.

За варивото:

  1. Исецкајте ги морковите на коцки и сварете ги заедно со грашокот.
  2. Исецкајте го кромидот на коцки и запржете го во тавче со малку масло. Кога ќе почне да се карамелизира додадете го црвениот грав, грашокот и морковот.
  3. Промешајте и гответе се додека водата од гравот (во конзервата има вода во која е претходно готвен) не се згусне. Додадете ситно сецкан лист од целер и магдонос. Промешајте и тргнете го од оган.

За сос од авокадо:

  1. Во блендер ставете ги сите состојки и блендирајте. Бидете внимателни со сокот од лимон затоа што секој лимон е разлино кисел. Најдобро е прво да ставите една лажица па доколку е потребно да го додадете и останатиот дел.

Сервирање:

  1. Исецкајте ја марулата на ленти, доматот на коцки и посолете.
  2. Во секое тако најпрво ставете една лажица од варивото со црвен грав потоа додадете марула, домат и на крајот прелијте со сос од авокадо. Повторете го ова со преостанатите тортиљи.
  3. Во мексиканската кујна најчесто се додава нешто луто, доколку сте љубетели на лута храна можете да додадете сецкана лута пиперка или чили пиперчиња.

      Споделете го овој блог со сите ваши пријатели кои се љубители на мексиканската кујна или пригответе го за нив. Споделете ги вашите искуства при подготовка на Мексиканско тако со нас во коментарите.

Продолжете да танцувате во ритамот на Природата!

Тако1